Македонија
13. October 2020 - 21:19

Тројца пратеници со Ковид-19 - што треба да се менува, деловникот или уставот, за онлајн седници на собранието?

Собранието ќе влезе во правна, а општеството во политичка криза доколку спротивно на Уставот се оди на онлајн заседание и гласање на пратениците, вели професорот по уставно право и поранешен собраниски претседател Саво Климовски. Според него барањата за интернет седници се повеќе поради тесното мнозинство на власта.

И тој како спикер имал проблеми со кворумот и морал, по барање на опозцијата, да прекинува седници кога власта не си обезбедувала присуство на доволен број пратеници. Сепак, за оваа вонредна ситуација Климовски вели решението е во договор меѓу власта и опозицијата за кои точки ќе разговараат и заеднички ќе одлучуваат.

Парламентот е пред блокада откако тројца пратеници измантиве денови излегоа позитивни на Корона. Од нив двајца се од власта со што во моментов таа располага само со 60 пратеници. Собранискиот спикер Талат Џафери уште пред еден месец дена побара деловнички измени за онлајн заседанија, но опозицијата се спротивстави. Денеска од власта стигнаа видоизменети предлози за гласаење од, но опозцијата вели и тие се протиуставни.

И парламентарниот институт се вклучил во анализата за работа на Собранието во услови на пандемија давајќи примери како се справиле другите држави.

И Сенатот и Конгресот во Шпанија можат онлајн да гласаат на пленарни седници и тоа уште од 2011 и 2013 година. Во Италија пак, на сила е физичкото присуство, но се води дебата дали гласањето да се одвива во смени или да се овозможи физичка дистанца меѓу пратениците кои би биле сместени во неколку згради. 

Бундестагот дава можност за гласање од далечина, физичкото присуство е задолжително само на ¼ од пратениците. Слично и во Полска, каде што се направени законски измени со кои во парламентот треба да се присутни само ограничен број пратеници од различни партии. Во Романија пратениците во услови на вонредни ситуации од март можат да гласаат преку онлајн платформа.

Во Франција задолжително е физичко присуство и гласање на пратениците, но активностите во време на пандемијата се сведени само за итни прашања и закони.