Македонија
5. March 2016 - 19:00

Тројца повредени во сообраќајка на патот Тетово-Јажинце

Три лица, од кои едно потешко, се повредени при сообраќајната несреќа во која учествувале автобус и трактор што денеска околу 13 часот и 40 минути се случила во близина на бензинската пумпа во селото Јажинце на магистралниот пат Тетово - Јажинце.

Според портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски, автобусот, марка „мерцедес“ со тетовски регистарски таблички, бил управуван од И.А.(47), додека тракторот што бил без регистарски таблички го управувал А.С.(21) од Нераште.

При несреќата возачот на тракторот се здобил со тешки телесни повреди, додека возачот на автобусот и патникот во него Р.С.(56) од Одри се здобиле со телесни повреди. Сите тројца повредени со друго возило биле префрлени во тетовската клиничка болница од каде по укажаната лекарска помош биле пуштени на домашно лекување.

Полицијата извршила увид на местото на несреќата и работи на утврдување на причините.