Македонија
8. July 2016 - 9:36

Тројца повредени во пет сообраќајки вчера во Скопје

Сообраќајната полиција во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Скопје изврши увид на пет сообраќајни несреќи, од кои две се со материјална штета и три се со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле три лица. 

Во текот на изминатиот ден по спроведените контроли над учесниците во сообраќајот од страна на сообраќајната полиција, информира за МИА самостојниот инспектор Драган Вељаноски од СВР - Скопје, откриени и санкционирани се поголем број прекршоци. 

Санкционирани се осум возачи кои со возилото се движеле со брзина поголема од дозволената, пет лица управувале нерегистрирано возило, четири лица биле без возачка дозвола и 22 непрописно паркирани возила.

Затекнати се и шест пешаци кои сториле прекршоци по разни основи.

Со помош на специјалното возило пајак, во текот вчерашниот ден отстранети се 67 возила кои во поголема мера го попречувале нормалното одвивање како пешачкиот така и моторниот сообраќај.

Во рамки на проектот „Сообраќајна култура на децата во предучилишните установи“ денеска Одделението за превенција при СВР Скопје ќе реализира едукативни работилници во детската градинка „Весели цветови“, објект „Мимоза“ која се наоѓа на подрачјето на општина Кисела Вода