Македонија
11. јуни 2019 - 13:55

Тројца поединци и три организации ги добија годишните награди на УСАИД за младинско учество

Тројца поединци и три организации ги добија годишните награди за младинско учество во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество кои се доделуваат за проекти со кои тие ги подобриле своите заедници во 2018 година.

Наградени се Тијана Спасовска – за  работа на социјална инклузија, за едукација на граѓаните за важноста на почитувањето на лицата со попреченост, Блаже Јосифовски – за иновативни и одржливи решенија за управување и редистрибуција на вишокот храна и Виктор Гилев – за придонес кон грасрут-иницијативите кои решаваат прашања од јавен интерес.

Во категоријата младински граѓански организации награди добија Здружението „Младите можат“, Здружението за дислексија „Ајнштајн“ и Здружението МЕЛЕЕМ.

Проектот на УСАИД им доделува неповратна финансиска помош од 1.500 долари на индивидуалните млади и 3.000 долари на младинските организации. Наградите им ги додели Гречен Биркл,  в.д. претстaвник на мисијата на УСАИД во земјава, која истакна дека активното граѓанско општество е во сржта на секоја функционална демократија.

-Поддршката на американската влада за граѓанското општество е непоколеблива. Ние продолжуваме да соработуваме со граѓанските организации во Северна Македонија. УСАИД силно го поддржува активното учество на младите луѓе во општеството, и со овие награди, ние ја признаваме инспиративната работа на младите луѓе и младинските организации, рече Биркл на третата година на доделување на наградите за младинско учество на УСАИД која ја добиваат млади лица од 18 до 29 години и  граѓански организации.

Проектот на УСАИД за граѓанско учество е петгодишна иницијатива чија цел е да го зајакне капацитетот на граѓанскиот сектор и младинските групи за да се унапредат јавните политики, да се подобрат јавните услуги, да се промовира добро владеење и да се придонесе за подигање на стандардот на живеење.

Мартин Милошевски од Националниот младински совет на Македонија, со кој  УСАИД го организираше денешниот настан,  изјави дека добитниците на грантовите се наградени за нивниот ангажман, визија, енергија и мотивација да го подобрат општеството.

-Тие заслужуваат поголема видливост, препознаеност и поддршка од нашето општество и да им помогнеме да ја реализираат нивната визија и мисија која е насочена Македонија да биде подобро место за живеење и младите да имаат повеќе можности за развој, истакна Милошевски.

Годинава доминираат проекти од Скопје, за разлика од минатите две години кога, како што рече, имале поголема географска застапеност. –Ги охрабруваме граѓаните од другите градови на  Македонија да ги препознаат и номинираат млади. Уште две години ќе доделуваме награди и очекуваме дека повторно ќе имаме поголем број млади и младински организации кои се надвор од Скопје, додаде Милошевски