Македонија
31. July 2020 - 16:52

Тројца пациенти од листа на чекање одбиле трансплантација на срце, донираните бубрези завршија кај двајца пациенти

Тројца пациенти писмено одбиле срце од починат донор, но двајца други кои со години  оделе на дијализа, добија бубрези и се спасија од машините за прочистување на крвта. Семејството на 46-годишен маж кој настрадал во сообраќајна несреќа и неколку дена бил на КАРИЛ, и покрај големата загуба, одлучи да ги донира органите. Но потенцијалните приматели на срцето не прифатиле трансплантација и тоа писмено е документирано во Клиниката за државна кардиохирургија. Неофицијално, од скопските клиники велат дека постоел страв и неспремност кај пациентите и покрај фактот што во земјата многу ретко се случува фамилија да се согласи на донирање на срцето од починатиот а шансата тоа да биде од Б+ пациент како сегашниот случај е речиси неверојатна.

Од здружението Храбро срце велат дека ова се шпекулации и дека ниту еден нивни член не одбил да добие срце, а оние кои потпишале според нив имале оправдани причини за тоа. Но никој не сакаше тоа да го образложи пред камера.

Затоа што „Храбро срце“ се бори за таа кампања за подигнување на јавната свест за потребата од донирање органи и нема да дозволиме некој свесно да ја загрози нашата цел и мисија, стои во објавата од здружението.

54-годишниот Иван Огњановски кој е првиот пациент во земјата што доби трансплантирано срце на Државна кардиохирургија веќе е дома и како што зборуваше за Сител пред извесно време, го живее вториот живот. Иако уште тогаш бројниот медицински тим што ја направи операцијата кажа дека се подготвени, второто донирано срце не заврши кај ниту еден пациент. На листата за трансплантација на срце има повеќе од 20 лица.

35-годишна жена и 60-годишен пациент ги добија бубрезите од починатиот донор. И двете трансплантации беа извршени денеска од тимот на Клиниката за урологија.

Во услови кога здравствениот систем со месеци е под притисок од пандемијата со корона вирусот, ова е втора кадаверична трансплантација годинава а во истиот период се направени и пресадување на бубрези кај четворица пациенти од живи донори.