Македонија
19. April 2017 - 16:57

Тројца му помагале на лицето кое го изврши најголемиот грабеж во историјата на Македонија

Најголемиот грабеж од трезорот на НЛБ Банка, првопријавениот Б.С. не го извршил сам. На 40 –годишниот скопјанец му помагале три лица. Во целата шема вклучен бил и неговиот брат Г.С., Е.П. вработена како банкарски комерцијалист и Б.М. пријател на првопријавениот, сите од Скопје.

При првиот грабеж кој се случил на 4 април, преку измама за наводна конверзија на евра во швајцарски франци, украдени се 95.000 евра. Од извршениот увид во снимките од видео надзорот во банката, констатирано е дека додека Г.С. е на шалтерот на банката и се врши наводната конверзија, а кога на смена во трезорот е Б.С. од трезорот ниту се изнесуваат 100.000 швајцарски франци ниту пак Е.П. му исплаќа пари на Г.С како би се завршила конверзијата.

На 07 април во попладневните часови додека Е.П. била на смена повторно постапувајќи по упатства на Б.С. преку системот на достава од трезорот кога на смена бил тој, примила вкупно 375.000 евра, за кои таа без да подготви било каков банкарски документ за потреба од вакви средства во благајната и без да биде изготвен документ за исплаќање на парите од трезорот, на рака му ги предала на Б.С. по што тој овие пари ги присвоил за себе и се оддалечил од експозитурата на банката.

Во третиот случај, на 10 април Б.С. откако противправно присвоил уште 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра од девизниот трезор и овие пари ги ставил во украсна кеса околу 13 часот незабележан од никого ја напуштил банката. По напуштањето на банката, кесата со парите му ја предал на неговиот брат Г.С., кој пак парите му ги предал на третопријавениот Б.М. Тој наредниот ден преку граничниот премин „Табановце“,  ја напуштил територијата на РМ. Во текот на вчерашниот ден Б.М. бил лишен од слобода и е изведен пред судија на претходна постапка.

Единица за економски и компјутерски криминал од СВР Скопје во координација со ОЈО и понатаму преземаат мерки за целосно расветлување на кривично правниот настан. Во тек е утврдување на кој начин Б.С, од банката изнел дополнително и уште 300.000 швајцарски франци.