Кошарка
17. August 2016 - 11:40

Трофеј Македонија: На стартот против Црна Гора

Во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во населбата Аеродром во Скопје денес стартува меѓународниот кошаркарски турнир „Трофеј  Македонија“.

На турнирот покрај македонската репрезентација ќе настапат и селекциите на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Белгија.

За Македонија, која се подготвува за учество во квалификациите за пласман на Евробаскетот во 2017 година ќе дебитира натурализиран Македонец, Ромео Тревис, додека селекторот Драган Раца ќе се престави пред домашната публика.

Поради повреда на скочниот зглоб на левата нога натпреварите на „Трофејот Македонија“ ќе ги пропушти највисокиот македонски кошаркар, 226 сантиметри високиот центар Марко Дујковиќ.

И останатите три репрезентации исто така се во подготовки за настап на евро-квалификациите и поради тоа, со најдобрите кошаркари во тимот пристигнаа во Скопје Тоа значи дека натпреварите на „Трофејот Македонија“ ќе бидат квалитетни и македонската публика ќе може да види многу кошаркари кои настапуваат во силни европски првенства. На паркетот во „Јане Сандански“ ќе продефилираат и кошаркари од НБА лигата, Босанците Телетовиќ и Нуркиќ и Црногорецот Вучевиќ.

Првиот дуел на македонските кошаркари е вечер од 19 часот против селекцијата на Црна Гора предводена од легендарниот стратег Богдан Тањевиќ. Турнирот стартува во 16:30 часот со дуелот Босна и Херцеговина – Белгија.