Македонија
15. February 2016 - 17:28

Тркалезна маса за улогата на Судскиот совет

Подобрување и имплементација на законските решенија, зголемување на квалитетот, функционалноста и ефикасноста на работата на судовите, како и зголемување на довербата на граѓаните во судскиот систем на Република Македонија се дел од приоритетите на Судскиот Совет, изјави денеска претседателот на Судскиот совет Бранко Ушковски.

Ушковски на денешната тркалезна маса за улогата на Судскиот совет и највисоките судови во заштита на судиите од мешање во нивната независност и за можните влијанија врз судството и клучната улога на мерит системот во изборот на судии посочи дека Судскиот совет ќе продолжи со креирање здрави кадровски политики, градење на професионален и личен интегритет на судиите, како и нивно континуирано стручно оспособување.

Тој рече дека Судскиот совет заштитата на независноста на судската власт од мешање во нивната надлежност ги обезбедува и гарантира преку остварување на своите функции согласно Уставот и законите и применувајќи ги темелните вредности предвидени во Уставот со кои се обезбедени преку уставното начело за поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

- Овој принцип на немешање во надлежностите го обезбедуваме со строго почитување на односите со другите две власти. А, тоа исто така се однесува и во однос на политичките партии, државните и сите други институции и центри на моќ, како и во однос на сите други извори на можни притисоци. Судскиот совет во целина и без исклучок го има потребниот капацитет и перформанси за квалитетно и ефикасно исполнување на својата функција, истакна Ушковски.

Влатко Самарџиски, член на Судскиот совет, како можни влијанија врз независноста на судството ги посочи извршната власт, која според него треба целосно да има определба да се штити независноста на судството; законодавната власт, која преку својата работа може да влијае на работата на судиите; медиумите, кои преку својата уредувачка политика влијаат и вршат притисок врз работата на судиите со прикажување на нивната работа во едно или друго светло; организираниот криминал, кој често се служи со закани и ја загрозува индивидуалната независност на судот; како и адвокатурата, социјалните мрежи, роднински и фамилијарни врски, бизнис секторот, како и перцепцијата на нивото на корупција.

- За да може судството да биде независно, секој судија поединечно треба да биде независен. Затоа е суштествен изборот на судиите. Изборот на почетните судии и по нивната промоција и унапредување е многу битен и заштитен фактор за независноста. Тука доаѓа во израз мерит системот, кој е усвоен како општа цивилизациска придобивка во светот. Бараме да бидат избрани најдобрите, најчесните, со најдобри резултати и врз основа на мерит системот, истакна Самарџиски.

Според Мирјанка Гоцевска Стефановска, член на Судскиот совет, за независноста на судството многу се зборува и по разни тези се дели на зависно, делумно зависно и идеално независно судство, како и дека полесно е да се опише зависноста на судството од независноста.

Организатор на денешната, четврта, тркалезна маса е Судскиот совет на Република Македонија. Таа се одржа во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.