Македонија
27. October 2015 - 13:53

Тркалезна маса: Судиите мора да се носат со притисоците

Секој судија е одговорен за заштита на судската независност, затоа што со прифаќањето на какво било влијание или притисок, судијата си ја нарушува својата независност, а со својата одлука го крши и законот.

Ова беше истакнато на денешната втора тркалезна маса на тема „Улогата на Судскиот совет и највисоките судови во заштита на судиите од мешање во нивната независност“, организирана од Судскиот совет на Република Македонија.

Претседателот на Судски совет на РМ, Бранко Ушковски во воведното обраќање, меѓу другото истакна дека и најдобрата законска регулатива не може да гарантира независни судски одлуки, доколку самите судии не се целосно подготвени да пресудуваат единствено врз основа на законот и да не прифаќаат послушност од надворешни влијанија.

- Независноста на судството не зависи само од законската регулатива, туку и од спроведувањето на истата во пракса, како и од чуството на самите судии за својата независност, нагласи Ушковски.

Секој судија, как што додаде, е одговорен за заштита на судската независност, затоа што со прифаќањето на било какво влијание или притисок самиот судија си ја нарушува својата независност, а  со својата одлука го крши и законот.

- Во одбрана од разни притисоци и влијанија многу е важно чуството на објективната независност на самиот судија, рече претседателот на Судскиот совет, посочувајќи дека судијата како личност самиот треба да се избори за својата независнист која може да биде под притисок од разни центри на моќ...

Судијата, според Ушковски, не смее да има други авторитети освен правото и правдата за  кои, како што додаде е убеден дека ги имаат најголемиот број на  судии.

на собирот судијата на Основен суд Скопје 1 Скопје, Дијана Груевска Илиевска рече дека најголемиот притисок судиите го чувствуваат од медиумите.

- Не чуствуваме политички притисок. Досега не ми се случило ниту телефонски, ниту на друг начин да ми се јави некој политичар или било кој човек на фукција за да ми посочи да донесам некаква одлука, а уште помалку да ми се запрети со некаква реперкусија, рече судијата  Груевска Илиевска.

Според неа, ниту една новинарска изјава, ниту било кој напис во било кој весник не може да влијае да донесе поинаква одлука од она што ја мисли. - Судиите своите одлуки ги носат врз основа на списите во предметот и според доказите што се приложени кон тој предмет, додаде таа.

Посочи дека секогаш дозволува да се слика и снима на нејзините судењата, затоа што, како што рече, нема што да се крие. - Но, забранувам да се снима советот, затоа што ниту еден предмет кој доаѓа во судот не е личен на тој судија. Така да не мора да се посочува ниту мое име или лик во било која изјава, рече таа и додаде дека не е пријатно кога со денови се гледате по телевизиите или се читате по весниците, рече Груевска Илиевска.

Таа смета дека не е омилен судија меѓу новинарите во Македонија, поради, како што наведе, осудата на новинарот Кежаровски. - Во тој предмет имаше осум обвинети, имаше судии, обвинетели, адвокати... Во 90 отсто од случаите се зборуваше само за Кежаровски, а другите како да не беа важни..., рече Груевска Илиевска.

Таа ги повика медиумите во свое име и во име на судиите од Основниот суд Скопје 1 слободно да дојдат на кое било судење, во која било судница, но да известуваат точно за она што се случува во судницата, а не за нивниот личен живот.

Судијата на Основен суд Скопје 2 Скопје, Антоанета Димовска истакна дека од судиите се очекува да носат одлуки согласно законот и да бидат непристрасни во нивните одлуки.

- Ние имаме судство, имаме темел, а некој што е надвор од тој темел ќе се обидеме да го вратиме, а ако не може ќе го отстраниме, истакна Димовска.

Според неа, судиите со своето знаење и интегритет мора да се носат со притисоците... и не само во Македонија, туку и во цел свет судиите се изложени на притисоци. - Разбирам дека некој што е во мака ќе се обиде да дојде до мене како судија за да си помогне на некој начин, но само од мене зависи каква ќе биде одлуката, децидна беше судијата Димовска.

Судиите од повисоките судови, како што нагласи, мора да им излезат во пресрет на судиите од пониските судови кога имаат дилеми, во смисла на изразување на нивното мислење за одредени правни прашања кои се актуелни, а законите не се доволно прецизни.

- Мора да изнајдеме начини  и да бидеме поколегијални, побрзо да оди протокот на идеи и мислења, да се ослободиме од нашата лична суета. Што ако моето мислење биде побиено од колегите. Тоа не значи дека јас сум помалку паметна, затоа што преку борба на мислења може да дојдеме до некои ставови со кои граѓаните ќе ги увериме дека во тој случај тоа е така и никако поинаку, рече Димовска.

Нагласи дека Судскиот совет може да одигра најголема улога во заштитата на судиите, пред се со изборот на судиите. - Секогаш кога ќе се носат закони кои не тангираат нас треба да бидеме гласни, да ги кажеме своите аргументи, ... затоа што секогаш треба да победи законот и правдата., додаде Димовска.

На тркалезната маса излагања во врска со темата имаа и судијата од Апелацискиот суд Гостивар Златко Ангелковски и судијата на Апелацискиот суд Штип Весна Накова Димитриевска.