Македонија
30. September 2015 - 8:36

Тркалезна маса „Состојбата и предизвиците со деца на улица

„Состојбата и предизвиците со деца на улица - како да се обезбеди пристап до нивните права“ е тема на денешната тркалезна маса што ќе се одржи во рамки на Твининг проектот насловен „Промоција на надлежностите на Народниот правобранител и јакнење на институционалните капацитети“, а го спроведува Народниот правобранител во соработка со канцеларијата на австрискиот омбудсман борд и Лудвиг Боцман Институтот за човекови права.

На тркалезната маса, што ќе ја отвори Народниот правобранител Иџет Мемети и шефот на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија Аиво Орав, ќе се обратат Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик-народен правобранител на тема „Деца на улица-сознанија на Народниот правобранител“ и Вернер Принзјаковиќ од Виенскиот младински центар, кој ќе говори за „Младинската работа со деца на улица, благосостојбата на младите, згрижување и вмрежување на јавните власти - практични искуства од Австрија“.

За  „Состојбите и ефикасноста на дневните центри за деца на улица - проблеми со кои се соочуваат центрите“ ќе говори Сузана Андова, државен советник во Министерството за труд и социјална политика.