Бизнис
19. December 2016 - 13:47

Трипуновски: Откупот на тутунот без проблеми, досега откупени 12 милиони килограми

Откупот на тутунот досега се одвива без проблеми и нема пријави од ниту еден земјоделец. Само една од вкупно десетте регистрирани компании не ги исполнила условите за откуп поради што е даден предлог за нејзино бришење од Регистарот.

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Цветан Трипуновски денеска на прес-конференција информираше дека досега се откупени 12 милиони килограми тутун по просечна цена од 191,20 денари. 

- Оваа откупена количина досега е исплатена во 81 проценти кон тутунопроизводителите. Согласно нашите информации како институција, откупот се одвива без проблеми и без ниту една пријава од страна на земјоделците, што значи дека се одвива во најдобар ред и по квалитативна и по квантитативна проценка. Како институција ќе го следиме целиот процес на откупот до последниот килограм тутун, рече Трипуновски.

Во однос на компанијата која не ги исполнила условите за откуп, а земјоделците веќе случиле договор со неа, Трипуновски нагласи дека надлежните институции веќе се во преговори со останатите компании со цел да се откупат и овие количини тутун. Се работи за околу два милиона килограми тутун којшто требало да биде откупен од страна на оваа компанија. 

- Земјоделците не треба да бидат загрижени дека нивниот род ќе пропадне и нема да биде предаден во некои од откупните компании. Веќе има голем интерес од останатите компании да го преземат целото договорено количество тутун, истакна Трипуновски.

Годинава се очекува да бидат откупени околу 20 милиони килограми тутун, кој според проценките на земјоделските здруженија е со висок квалитет.