Македонија
18. February 2020 - 12:45

Трипуновски ја критикува работата на Агенцијата за храна и ветеринарство

Дополнителниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трупуновски  информира дека денеска имал средба со директорот на Агенцијата за храна  и ветеринарство Зоран Атанасов  со кого, како што наведува во соопштение, разговарал за работата на Агенцијата, но и за слабата соработка и слабиот проток на информации.

– Напоменав дека годишните наредби и програми за мониторинг не се донесени, иако веќе втор месец од 2020 година тече, а кои се исклучително важни за заштита на јавното здравје, безбедноста на храната и здравствената заштита на животните. Нотирав и за слабата контрола на свинскиот фонд во период кога африканската чума кај свињите беснее во соседството, но и негрижата која ја гледаме од АХВ. Пасивниот надзор над дивите свињи не функционира. Нема мерки на граничните премини. Посочив дека треба да се зајакнат мерките за контрола со цел превенција да не се доведеме во ситуација како држава да ни угине целиот фонд свињи и да направи огромни економски штети, стои во соопштението.

На средбата, дополнува, укажал и на проблемот со бездомните кучиња, особено на територија на главниот град.

СДСМ, истакнува Трипуновски во соопштението, вети дека ќе го реши проблемот со бездомните кучиња, а веќе две години е без прифатилиште и без воспоставен систем на контрола и грижа на популацијата на бездомни кучиња.

– Град Скопје сега нема прифаталиште за бездомни кучиња и проблемите се чувствуваат, не поминува ден, а да нема нападнати граѓани, ниту пак има институција која ги заловува кучињата скитници со цел нивна кастрација и вакцинација. Проблемот со кучињата скитници е огромен. Преку 6 000 кучиња скитници во Скопје се по улиците, а воопшто немаме прифатилиште што ќе работи за нивно згрижување и третман, наведува Трипуновски.