Балкан
25. January 2017 - 22:00

Тринаесет лица се изјаснија како виновни дека подготвувале државен удар во Црна Гора

Тринаесет српски граѓани, осомничени за подготвување на државен удар во Црна Гора на денот на парламентарните избори на 16 октомври, се договорија со Обвинителството и ја признаа вината.

Според црногорскиот весник „Побједа“, поголемиот број од осомничените потпишале договор и набрзо ќе бидат изнесени пред суд, но Обвинителството не сака договор со Братислав Дикиќ, поранешен началник на српската жандармерија, кој е осомничен за координирање на дејствијата на групата.

Ако договорот со Обвинителството биде одобрео од Врховниот суд, 13 обвинети ќе добијат затворски казни од три до пет месеци затвор.

На денот на парламентарните избори во Црна Гора уапсени се 20 државјани на Србија, меѓу кои и Дикиќ, под сомнение дека подготвувале терористички напади.

На шести ноември главниот специјален обвинител на Црна Гора, Миливое Катниќ изјави дека група државјани на Србија, на Црна Гора и на Русија се обиделе да извршат терористички напад на 16 октомври. Според него, организатори на групата биле руски националисти, кои сметале дека власта не може да биде сменета на избори и затоа треба насилно да биде сменета.

При истрагата обвинети се двајца руски државјани поради финансирање на обидот за државен удар и за планирање на атентат на тогашниот премиер Мило Ѓукановиќ.