Македонија
18. January 2021 - 8:39

Триесетта седница на Собранието, на дневен ред и интерпелацијата за работата на вицепремиерот Димитров

Собранието денеска треба да ја започне 30-та седница на чиј дневен ред се 50-тина предлог-закони за изменување и дополнување на постојни закони, како и интерпелацијата за работата на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров.

Меѓу предлог-законите на дневен ред на оваа седница се и оние за изменување на законите за еднакви можности на жените и мажите, за заштита од вознемирување на работно место и за употреба на знаковниот јазик, како и на законите за практиканство и за волонтерството, сите по скратена постапка.

Пратениците по скратена постапка ќе расправаат и за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, на Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, на Законот за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување, на Законот за вработување на инвалидни лица и на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, како и на Предлогот на закон за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавни претпријатија.

На дневниот ред на оваа седница се и повеќе законски измени од сферата на јавното здравство, трговијата, финансиите, културата и науката, како и предлозите на законите за изменување на Законот за заштита од бучава во животната средина и на Законот за животната средина.

Пратениците треба да расправаат и за измениа на Законот за заштита од експлозивни материи, Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари, Законот за странци, Законот за складирање и заштита од запални течности и гасови и на Законот за полиција.

Со европско знаменце на дневен ред на оваа седница се поставени Предлогот на закон за развој, производство и промет на воени стоки, Предлогот на закон за лобирање и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за квалитетот на амбиентниот воздух, сите во прво читање.

На дневниот ред на 30-та собраниска седница е и Интерпелацијата за работата на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, поднесена од опозициските пратеници Александар Николоски, Антонијо Милошоски, Владо Мисајловски, Ѓорѓија Сајкоски, Жаклина Пешевска, Никола Мицевски, Дафина Стојаноска, Рашела Мизрахи, Велика Стојкова – Серафимовска, Бети Стаменкоска Трајкоска, Игор Здравковски, Благица Ласовска, Бојан Стојаноски, Лидија Петкоска, Петар Ристески, Ане Лашкоска, Игор Јанушев, Љупчо Пренџов, Олга Лозановска, Јадранка Поцкова, Александар Велјановски, Златко Пенков, Даниела Христова, Дајанчо Ефтимов, Миле Лефков, Бране Петрушевски, Здравко Трајанов, Љупчо Димовски, Димитар Апасиев, Зоранчо Јованчев, Силвана Ангелевска, Мирче Аџиоски, Иванка Василевска, Борислав Крмов, Иван Стоилковиќ, Ели Панова и Ангелинка Петкова.