Македонија
19. February 2016 - 15:28

Триесет и две годишнини предложени за одбележување во 2016 година

Триесет и два предлога содржи Предлог-програмата за одбележување годишнини на значајни настани и истакнати личности во Република Македонија за 2016 година, која денеска на седница ја усвои собраниската Комисија за култура, а пред пратениците на пленарна седница се очекува да биде во понеделник.

Доцнењето на донесувањето на Предлог-програмата се должи на бавноста на институциите - национални и локални, општините итн. да одговорат на повикот на матичната собраниска комисија за доставување предлози за настани и личности кои заслужуваат да бидат чествувани и кои ги исполнуваат критериумите за значајнот и временски интервал.

- Испратено е барање до 200 институции, а добиени беа многу мал број предлози - 152 предлога од 34 институции. На тоа се должи одложувањето на Комисијата со цел да добиеме побогата програма, рече претседателката на собраниската Комисија за култура Магдалена Манаскова. Таа  беше и член на работната група што ги разгледуваше доставените пртедлози, заедно со пратениците Роза Топузова-Каревска, Ане Лашкоска и Мирван Џемаили. 

За 2016-та е предложено да се одбележат 1100 години од смртта на свети Климент Охридски. Главен носител на одбележувањето ќе биде Претседателот на Република Македонија, заедно со МАНУ и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. 

Меѓу другите годишнини во Предлог-програмата се: 110 години од смртта на Ѓорѓи Сугарев и Дамјан Груев, 90 години од смртта на Крсте Петков Мисирков, 40 години од смртта на Никола Бадев и Димитар Митрев, пет години од смртта на Кирил Ристоски, 110 години од раѓањето на Михаило Апостолски, архиепископот Доситеј и Антон Панов, 70 години од донесувањето на првиот устав на Народна Република Македонија, јубилеи на национални установи, како 90 години од основањето на Природонаучниот музеј, 70 години од Драмски театар-Скопје, 50 години од Факултетот за музичка уметност, 

Меѓу годишнините кои се значајни за албанската етничка заедница се предложени 150 години од раѓањето на Ндре Мједа - еден од реформаторите на албанската азбука, и 100 години од смртта на Иса Болетини, кој се смета за национален херој за Албанците, припадник на национално ослободително движење за време на отоманската власт. 

Пратеничката Софија Куновска од СДСМ побара за пленарната седница на Собранието на РМ да се обезбеди подетаљно образложение за личноста и дејноста на Иса Болетини. Не беше прифатено барањето на Куновска од Предлог-програмата за 2016-та да биде изоставен предлогот за одбележување 70 години од смртта на Трајко Попов зашто, како што рече, малку се знае за таа историска личност и нејасно и непотврдено е кои биле неговите заложби. 

Составен дел од предложената програма станаа две годишнини кои на седницата ги предложи Куновска - предлогот да се одбележат 70 години од културната автономија на Македонците од Пиринскиот дел на Македонија и 80 години од учеството на Македонците во Шпанската граѓанска војна. 

Откако ја усвои Предлог-програмата, Комисијата за култура донесе дополнителен заклучок соодветно да се одбележат 25 години од три важни датуми поврзани со независноста на Република Македонија: 20 март - кога е избрана првата, експертска Влада на РМ, 8 септември - кога е одржан референдумот за независност, и 17 ноември - кога е донесен првиот Устав на Република Македонија. 

Согласно со критериумот за временски интервал, тие не може да бидат дел од официјалната Програма за годишнини на значајни настани и личности, па затоа иницијативата за нивно одбележување Комисијата ќе им ја достави на Владата и и на Собранието на РМ.