Македонија
25. September 2020 - 8:46

Трицифрени бројки на новозаразени, Владата размислува да ги зголеми казните за неносење маски

Во последните 24 часа беа направени 1630 тестирања, а регистрирани 152 нови случаи на Ковид-19, починале две лица, додека оздравени се 126 пацинети. Полицијата секојдневно регистрира голем број прекршоци за неносење лична заштита на лица, а во текот на изминатото деноноќие на територијата на државава, регистрирани се 680 прекршоци.

Во таа насока, Владата размислува дали да го зголеми износот на казните за неносење маски за заштита од  КОВИД-19, обемот на работа на полицијата во таа насока е зголемен и ќе има се повеќе контроли и во угостителските објекти и на собирите на граѓаните, информираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Во меѓувреме, во Прилеп ситуацијата со Ковид – 19 е сериозна, неопходна е монтажната болница

Инаку, од новите регистрирани случаи со коронавирусот најмногу има во: Скопје-58, следат Струмица-14, Кочани-18. Во Куманово регистрирани се 5 новодијагностицирани, Дебар-2, Штип-5, Прилеп-4, Тетово-5, Струга-6, Велес-1, Битола-5, Охрид-3, Кавадарци-2, Гостивар-1, Гевгелија-6,  Пробиштип-1, Берово-4, Валандово-4, Делчево-3, Свети Николе-3, Кичево-2.

Институтот за јавно здравје вчера регистрира 126 оздравени пациенти од: Скопје-32, Куманово-17, Штип-5, Прилеп-7, Тетово-7, Струга-6, Велес-4, Битола-1, Охрид-2, Гостивар-1, Гевгелија-15, Струмица-5, Крива Паланка-2, Кочани-7, Пробиштип-1, Пехчево-5, Берово-2, Виница-3, Делчево-1, Кратово-1, Свети Николе-1, Кичево-1.

Во болнички услови се починати две лица, пациент од Охрид (77г) и пациент од Радовиш (62г).

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 17200, бројката на оздравени пациенти е 14312, на починати е 712, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2176.

Според завршените епидемиолошки анализи, соопштија вчера надлежните, во моментов дистрибуцијата по градови е следна:

• Скопје 6739, активни 625

• Куманово 1713, активни 176

• Дебар 282, активни 41

• Штип 1239, активни 53

• Прилеп 643, активни 124

• Тетово 1405, активни 176

• Струга 660, активни 64

• Велес 313, активни 35

• Битола 285, активни 62

• Охрид 416, активни 51

• Кавадарци 222, активни 37

• Гостивар 918, активни 107

• Гевгелија 115, активни 49 (8 лица од ПЕ Гевгелија се жители на Дојран, 14 на Богданци и 12 се странски државјани)

• Струмица 204, активни 130

• Крива Паланка 102, активни 27

• Радовиш 74, активни 22

• Крушево 20, активни 3

• Кочани 304, активни 128

• Пробиштип 107, активни 19

• Демир Хисар 61, активни 2

• Македонски Брод 92, активни 13

• Пехчево 42, активни 3

• Берово 91, активни 29

• Валандово 24, активни 15

• Виница 103, активни 26

• Делчево 154, активни 83 (33 лица од ПЕ Делчево се од Македонска Каменица)

• Кратово 24, активни 2

• Свети Николе 322, активни 22

• Кичево 315, активни 36

• Ресен 162, активни 14

• Неготино 49, активни 2 (11 лица од ПЕ Неготино се жители на Демир Капија)

Направените 1630 теста се преку: ИЈЗ-492, ЦЈЗ Скопје-46, Авицена-418,  Биотек-147, МАНУ -100, Жан Митрев (Филип Втори)-176, Систина со PCR метода -117, лабораторија Лаор –23, Судска медицина-17, ЦЈЗ Битола-51, Инфективна клиника-3, ГАК-14, Синлаб-26, лаборатории од странство-0. Досега во земјата се направени вкупно 181.034 тестирања на Ковид -19.  Нема тестирања во рамките на скринингот.

На Инфективната клиника во изминатите 24 часа примени се 5 пациенти.  Вкупно се хоспитализирани 72 пациенти. На кислородна поддршка се 45 пациент, нема пациенти на механичка вентилација.

Во болницата во Козле хоспитализирани  се  4 деца и 4 мајки позитивни на ковид-19, и 2 деца  и 2 мајки суспектни на вирусот.

Во ГОБ „8 Септември“ примени се 2, а вкупно хоспитализирани се 35 пациенти. На респиратор се 4 пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 19, а во болницата во Штип се 41 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 153, позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Активни случаи по општини Скопје вчера (по завршување на епидемиолошките анкети, може да има измена во дистрибуцијата по општини во Скопје)

• Чаир – 68

• Гази Баба – 74

• Аеродром – 93

• Карпош – 71

• Центар – 89

• Кисела Вода – 64

• Ѓорче Петров – 36

• Бутел – 33

• Шуто Оризари – 16

• Студеничани – 10

• Сарај – 14

• Арачиново – 8

• Илинден – 23

• Сопиште – 3

• Чучер Сандево – 5

• Петровец – 7

• Зелениково – 1

• Странец – 9

• Нераспределен-1.

Инаку, во Прилеп ситуацијата со Ковид-19 е сериозна, но не е алармантна, констатираше вчера кризниот штаб кој има нови одлуки за ригорозни мерки.

Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, се воведуваат мерки во работните средини, контроли во институциите, засилени активности на полицијата за носење заштитни маски и ригорозно со мерки во Градскиот пазар.

-Заедно со полицијата, пазараната инспекција, мора да се засилат контролите. Никој нема право со својата неажурност, да ги изложува на ризик критичните групи граѓани. Што се однесува до стопанските субјекти,  денеска ќе ја посетам компанијата „Гентерм“. Ќе разговарам со менаџментот и ќе ги посетам нивните производствени капацитети. Истовремено, комисијата од локалната самоуправа ќе врши засилена контрола врз институциите за начинот на спроведување на мерките за заштита од Ковид-19, изјави Јованоски.

Инфективното одделение при градската болница „Борка Талески“ е на работ на капацитетот. Од можноста да прими 30, сега има 23 пациенти од кои 10 се на кислородна поддршка. Според Мирјана Крстеска, инфектолог и раководител на одделението неопходна е монтажната болница, зашто градот е меѓу првите во кои треба да профункционира.

-Од 23 хоспитализирани пациенти, од кои 10 на кислородна поддршка. Сите се повозрасни, над 50 или 60 годишна возраст. Денска примивме момче на 24 годсини во многу тешка состојба и го пративме на Инфективната клиника во Скопје. Старосната граница на заболените се повлекува, има помлади. Имаме терапија, но проблемот е со централниот довод на кислород. Доколку тоа се реши, би било големо олеснување. Но, тешките пациенти е проблем да ги примат на клиниките во Скопје, зашто и таму капацитетите се преполни и остануваат да бидат третирани на Инфективното одделение во Прилеп. Поради пребукираноста, реално, на клиниките се примаат помладите пациенти, вели таа.

Реално, може да примиме 30 пациенти, додава, а во моментов се 23.

-Доколку се исполни капацитетот, во другите одделенија се отворија оддели за изолација за таму да останат позитивните пациенти, а се лекуваат за друго. Кога ќе почне да се градат монтажните болници, Прилеп е еден од првите градови, зашто треба да се земат предвид и општините Македонски Брод и Крушево. А имаме многу пациенти од Македонски Брод. Инаку, во моментов е хоспитализиран еден здравствен работник, а еден е на домашно лекување од службата за Итна помош, вели Крстеска.

Драгица Николоска, директор на Центарот за јавно здравје нагласува дека има еден кластер во работните средини, но како резултат на семејни прослави.

-Денеска имаме четворица новозаболени и шест оздравени. Во моментов вкупната бројка на позитивни е 644. Активни се 125 случаи од кои 23-ца се на болничко а 102-ца на домашно лекување. Споредено од 1 август до денеска, вкупниот број позитивни случаи се 313. Во јули биле 70, а во јуни 51 заболен. Досега се 38 починати лица. Во Центарот секојдневно се тестираат од 15 до 20 пациенти. Во работните организации во моментов е еден активен кластер. Сите други, главно се семејни кластери. Ова значи дека заболените во работните организации и институции немаат поврзаност, што значи дека вирусот го донесле однадвор. Голем дел од нив во анкетата кажале дека присуствувале на семејни веселби, на слави, имендени, на групни собирања, изјави вчера Николоска.

Инаку, во Центарот за јавно здравје имало еден асимптоматски позитивен случај, а тројца ставени во изолација.

Во градинките сега ситуацијата е стабилна. Нема случај на заболено дете или вработен.

Владата пак, размислува дали да го зголеми износот на казните за неносење маски за заштита од  КОВИД-19.

– Во Владата разговараме во однос на зголемувањето на казните и ќе се цени дали има потреба од тоа или не. Важно е дека обемот на работа на полициските службеници е зголемен и правиме се што треба да биде направено во овој момент за сите оние кои не ги почитуваат мерките, односно кои прво не се почитуваат самите себеси и не ги почитуваат своите семејства со тоа што не се зашититуваат и се изложуваат на ризик да бидат зафатени со инфекцијата. Ќе мора да носат некаква одговорност. И тоа ќе се случува понатаму и во угостителски објекти и на собирања, итн, се повеќе и повеќе, со цел да се влијае на оние кои не ги почитуваат мерките  и со тоа директно ги загрозуваат живот и здравјето на граѓаните, изјави вчера Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање при посетата а Полицискиот центар Ѓорче Петров.

Казните, вели министерот, се наплаќаат и сега, но тоа ќе биде многу полесно откако ќе се направи усогласување на потребните закони со Законот за прекршоци, што се доставени во Собранието уште пред распуштањето поради изборите. МВР останува на тие законски решенија и Спасовски очекува наскоро да бидат ставени на дневен ред и Собранието да ги изгласа.

Германската амбасадорка Анке Холштајн вчера му предаде осум  респираторни машини марка „дрегер“ на министерот за здравство Венко Филипче, донација од Владата на Сојузна Република Германија  за Министерството за здравство како поддршка за македонските  клиники. Вкупната вредност на оваа донација е 233 илјади евра, а се имплементираше преку Германската сојузна агенција за цивилна заштита.

-Се радувам што медицинските апарати  доаѓаат во вистинско време кога е потребна помошта.  Оваа донација е по иницијатива во Сојузната влада за време на  Германското претседателство  во Советот на ЕУ  за помош на државите од Западен Балкан  при пандемијата од Ковид -19. Со оглед на актуелните состојби  главен акцент на  нашето Претседателство е справување со пандемијата и нејзините последици, изјави амбасадорката Холштајн по предавањето на донацијата во Клиниката за инфективни болести во Скопје.

Овде во регионот на Западен Балкан, посочи, сакаме да покажеме дека нашите партнери можат да се  потпрат на нас при борбата со пандемијата.

-Германија до сега го поддржа регионот со 15 милиони евра. Освен тоа, ЕУ помага со 3,3 милијарди евра  во кои Германија учествува со речиси една третина, рече Холштајн.

Заблагодарувајќи се за значајната донација за нашиот здравствен систем министерот Филипче истакна дека Германија се докажа во целиот изминат период дека е, како што рече, нашиот најголем партнер во  евроинтегративните процеси, но и во поддршка во здравствениот систем во оваа здравствена криза која што практично го снајде целиот свет.

-Уште на почетокот на кризата донираа сериозна количина заштитна опрема што беше   дистрибуирана  во јавно-здравствените установи, а со оваа донација од осум респираторни машини коишто се дистрибуирани  во одделите за интензивна нега во Инфективната клиника  во Скопје и  ГОБ „8 Септември“, каде што се лекуваат пациентите заболени од Ковид, значајно се зголемува квалитетот на третман за нашите пациенти, изјави Филипче.

Оваа дополнителна опрема, додаде, практично е еден сериозен дел од опремата на секое одделение за интензивна нега.

Филипче вчера се сретна и со шведската амбасадорка Кристин Форсгрен Бенгтсон. На средбата стана збор за состојбата со коронавирусот, како и за идни можности за соработка и поддршка со персонал. Шведска е наш пријател и голем поддржувач во борбата со Ковид-19, објави на својата ФБ страница Министерството за здравство.

Преку Дирекцијата за заштита и спасување како главен координатор на европскиот механизам за цивилна заштита од почетокот на кризата со Ковид-19, Ханс Јорген Михаел Селберг, медицински техничар од Шведска, еден месец им помагаше на своите колеги на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, информираат од Министерството.