Македонија
10. January 2017 - 8:59

Трибина за руралниот туризам во рамки на Вевчанскиот карневал

Со трибина на тема „Перспективите на руралниот туризам во Република Македонија со осврт на општина Вевчани“ денеска во Вевчани почнуваат активностите во рамките на Вевчанскиот карневал 2017.

Предавач на трибината ќе биде проф. д-р Никола Панов, член на Академијата на убави уметности Вевчани.

На карневалската прогрма утре е промоцијата на романот „Пред шарени врати“ од Косте Шутиноски, а следниот ден ќе биде отворена изложба со слики од академскиот сликар Ниче Василев, по што вечерта почнува и музичкиот дел од програмата.

Вевчанскиот карневал „Василичари“ ќе биде отворен на 13 јануари напладне кога двете василичарски друштва Горна и Долна маала, заедно со сите маскирани ќе продефилираат низ улиците и ќе ги претстават маските, кои најчесто се инспирирани од актуелните случувања што ја одбележаа тековната година.

Традиционалното палење на маските ќе биде наредниот ден, со што завршуваат вевчанските василичарски денови.

Карневалот во Вевчани е една од најпознатите карневалски манифестации на Балканот, која со специфичните особини се одвојува од останатите во светот поради својата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатните маски.