Македонија
3. March 2018 - 10:28

Трибина во Охрид за семејното и насилството врз жените

Општина Охрид во соработка со институциите што ја третираат проблематиката на семејното насилство ќе се залага за преземање мерки за намалување на таа негативна социолошка појава, како и активности за соодветно згрижување на жртвите од семејно насилство.

Тоа беше истакнато на вчерашната трибина „Семејно насилство и насилство врз жените" одржана во Општина Охрид, со цел актуелизирање на семејното насилство како појава во која најчесто  жртви се децата и жените од ранливите категории.

На собирот беа посочени историските корени на нерамноправноста меѓу мажите и жените, а семејното насилство како манифестација на нееднаквост во распределбата на моќта меѓу половите и како главен механизам за одржување на таквата состојба.

Според податоците на Центарот за социјални работи, минатата година се регистрирани 206 пријави за семејно насилство, што укажува на се поразвиена свест на жртвата да го пријави насилството. Преставниците на СВР Охрид ги презентираа активностите што ги презема Одделот за превенција за спречување на таквите појави, со забелешка дека чести се случаите кога жртвата се плаши да пријави насилство или се откажува од тоа во текот на самата кривична постапка.

На трибината беше презентирана и Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, ратификувана во Собранието во декември минатата година. Истанбулската конвенција насилството врз жените го дефинира како кршење на човековите права, додека домашното насилство како форма на акт на физичко, сексуално, психичко односно економско насилство што се случува во рамки на семејство или домаќинство. Договорот ги обврзува владите на државите потписнички да спроведат конкретни мерки и активности за спречување на сите форми насилство врз жените, со приоритет на спроведување ефективни мерки за заштита на правата на жените кои минале низ насилство.

На трибината беше укажано на потребата од отварање „шелтер“ центри за згрижување на жртвите од семејно насилство, како и иницирање слични средби, трибини, јавни раправи на кои би биле лоцирани проблемите и во насока изнаоѓање соодветни решенија за истите