Македонија
8. November 2018 - 15:28

Трибина во Кочани за промоција на родово одговорни политики во ЈИЕ и Молдавија

 Општина Кочани беше домаќин на претставници од граѓански организации од Молдавија и Албанија кои се вклучени во проектот „Промоција на родово одговорни политики во Југоисточна Европа (ЈИЕ) и Република Молдавија“, што со поддршка од Фондот за развој на жените на Обединетите нации – UN Women се реализира во Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Молдавија.

На средбата во локалната самоуправа беше речено дека целта на проектот е да се унапредат вештините и знаењата за анализа на програмите и буџетите на централно и локално ниво, кои се однесуваат на родово одговорното буџетирање.

-Користењето на алатката за родово одговорно буџетирање, особено на локално ниво, во Македонија е во понапредна фаза отколку во останатите две земји. Токму општина Кочани, пак, има одлична практика во оваа област што оценивме дека треба да ја споделиме со нашите партнери, посебно за соработката на локалната самоуправа со невладините организации и нивното влијание за промена на општинскиот буџет заради подобрување на квалитетот на живеење и унапредување на односите меѓу мажите и жените, истакна Марија Ристеска, координатор во Фондот за развој на жените на Обединетите нации.

Претставници од комисијата за родова еднкавост на општина Кочани ја презентираа родово буџетската анализа на Локалниот акциски план за домување, урбанистичко планирање и комунална инфраструктура на Општината за периодот до 2020 година што ја изработи Здружението „Радар“ од Скопје.