Македонија
25. November 2015 - 20:17

Трибина на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп и Битола под мотото „На Македонија и треба твојата идеја“

ВМРО-ДПМНЕ е партија која ја добива силата од народот и која работи проекти, мерки и реформи за народот. Така досега работевме, а така ќе биде и понатаму, истакна Зоран Ставревски, вицепремиер и министер за финансии и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, пред вечерашната трибина на партијата во домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Партијата од вечерва ја почнува серијата трибини во три тимови низ градовите во Македонија во рамките на кампањата „На Македонија и треба твојата идеја“.

- Многу од идеите и проектите кои беа вградени во досегашните програми на ВМРО-ДПМНЕ беа дадени од граѓаните, како што е легализацијата на дивоградбите, можноста да се откупи дворното земјиште по едно евро од квадрат, намалувањето на акцизите за да може да се купат половни автомобили и многу други идеи, вклучително на граѓани од Прилеп, рече Ставревски.

Сите нови идеи на државно и на локално ниво ќе бидат разгледани, а партијата ќе направи трибини низ сите градови, и во руралните средини до крајот на годинава за да се заокружи програмата на ВМРО-ДПМНЕ за периодот од 2016 до 2020 година.

- Сите идеи ќе бидат разгледани најсериозно и најодговорно, како што и досега работевме за да видиме кои од тие идеи да ги прифатиме и да ги вклопиме во програмата за понатаму да се реализираат и да се подобри животот на граѓаните на Макеоднија, изјави Ставревски.

Во обраќањето пред граѓаните во салата од Домот на културата вицепремиерот Ставревски рече дека 2015 година беше релативно тешка година, со премрежија, наметнато од политичари кои не им сакаат добро на граѓаните. Сепак, како што рече, политичката криза влегува во завршница.

- Граѓаните ќе бидат ослободени од грчот и притисоците кои се чувствуваа врз стопанството. Граѓаните не не избраа да гледаат како се напаѓаат политичките партии, туку да слушнат решенија за подобар живот. Единственото можно решение државата да тргне напред се предвремените парламентарни избори и граѓаните се помудри од партиите и тоа ќе го кажат на изборите на 24 април 2016 година, рече Ставревски нагаласувајќи дека поддршката се дава врз основа на сработеното.

Досега, како што посочи вицепремиерот, главен акцент се ставаше на економијата. Посочи на проектите што ги реализира Владата на ВМРО-ДПМНЕ и успесите што ги постигна во изминатите години. 

Невработеноста од 38% е намалена на 26,8 проценти. - Намалувањето на невработеноста во Македонија и во Прилеп останува еден од главните приоритети ан ВМРО-ДПМНЕ, рече Ставревски.

ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржува трибина и во Битола.