Македонија
30. јуни 2017 - 18:45

Трибина на Павел Шатев: Обвиненијата на СЈО се политички

Обвиненијата кои вчера ги покрена СЈО се монструозни, а со нив е прекршен и основниот принцип на кривичната постапка односно пресумпцијата на невиност, смета поранешниот јавен обвинител и Министер за правда, Михајло Маневски.

- Ова не е Специјално Јавно Обвинителство за гонење на кривични дела кои што произлегуваат од незаконски преслушуваните разговори, ова е Специјално Јавно Обвинителство за гонење на функционери и раководители на ВМРО-ДПМНЕ, потенцира поранешниот министер. Колку вршеше функција на власта ВМРО-ДПМНЕ, толку вршеше и ДУИ, меѓутоа, на удар во фокусот е само ВМРО-ДПМНЕ и неговите раководители. Ова Јавно Обвинителство е политички инструмент, истакна Маневски.

Екс министерот за правда и јавен обвинител Маневски, заедно со поранешниот јавен обвинител Сотир Костов се обратија на денешната трибина на институтот Павел Шатев по обвиненијата кои вчера ги покрена СЈО. Двајцата се согласни дека целиот случај наместо правен има единствено политички аспект.

- Вчера не видов Ф од факти, А од аргументи, Д од докази кои се најважни за составувањето наобвиненијата, за покрепувањето дека некој сторил кривично дело и да го обвиниме. Вчера не беше нападнато само ВМРО-ДПМНЕ, вчера беше нападната и загрозена демократијата во Република Македонија.

Според новинарот Цветин Чилиманов, вчерашниот ден е почеток на конфликт во македонското општество, а се иницира и судир меѓу Македонците.

- Вчера сите бевме сведоци дека една партиска инструирана обвинителна институција направи директен, партиски мотивиран обид да ја уништи најголемата и најзначајната партија во Република Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, напаѓајќи ги сите нејзини позначајни претставници и функционери во јасна координација со СДСМ, која ја води и координира работата во СЈО, вели Чилиманов.

Поранешните јавни обвинители сметаат дека согласно членот 22 од законот за формирање на СЈО, тоа во иднина нема право да отвора нови предмети. Објаснуваат дека предвидениот рок од 18  месеци истекува со што и завршува работата на СЈО.