Македонија
26. March 2020 - 17:10

Три тима волонтери на Црвениот Крст им помагаат на најранливите жители на Битола

Волонтерите на битолскиот Црвен Крст се постојано на терен, после воведувањето на телефонските броеви на кои можат да се јават ранливите групи граѓани кои имаат потреба од намирници и лекови. Граѓаните се јавуваат и ги кажуваат своите потреби. Веднаш штом го добијат повикот, екипата се подготвува со соодветна заштитна опрема. Се добиваат потребните насоки и информации и се заминува на терен.

-Ние сме три тима, секојдневно работиме, им помагаме на загрозените групи граѓани погодени од оваа ситуација, останатите да останете дома и да бидете безбедни, изјави Димитар Лазаревси, волонтер во Црвен Крст во Битола.

Во меѓувреме, во возилото се прегледува списокот и што се треба да се купи. Со купените намирници и лекови, пристигнуваат на адресата. Денеска помош побара 76-годишната Пандорка Стојчевска. Таа е сама, нема никој, но и не е многу подвижна. Благодарна им беше на волонтерите кои и го донесоа она што и беше потребно. Им кажа дека штом ја добие пензијата, почесто ќе ги бара.

-Јас прв пат сега барам, паднав пред еден месец, во едната рака го држев бастунот, слегував. Сега ме боли раката, вели Пандорка Стојановска.

-Дали сте задоволни од ова денес ние што го сработивме?

-Да,  браво, алал да ви е.

Вака им поминува секој ден откако се воведоа мерки и препораки за заштита од ширењето на коронавирусот. Имаат по десетина повици дневно од граѓани кои не се во можност да излезат и сами да го набават она што им е потребно.

-Најповеќе помош бараат повозрасните лица, лицата со инвалидитет, неподвижните и оние со хронична болест. Набавката се врши секој ден од 08 до 16 часот. Најчесто бараат храна, лекови и средства за заштита, како што се маски и ракавици, изјави Ана Костовска волонтер во Црвен Крст во Битола.

На крајот на денот, после завршувањето на обврските, волонтерите на Црвениот крст ги дезинфицираат возилата и просториите на општинската организација. Исто така, кога се работи за мерките за заштита од коронавирусот, на влезовите во Битола, денеска општината постави дезинфекциони корита.