Македонија
12. јуни 2016 - 12:07

Три сообраќајки во Тетовско

Шест лица се повредени во три одвоени сообраќајни несреќи што се случија вчера во Тетовско, информира денеска портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

Во првата сообраќајка што околу 10 часот и 30 минути се случила на улицата Браќа Миладиновци во близина на основното училиште Истикбал во Тетово, со тешки телсни повреди се здобило 10-годишно девојче.

Девојчето е надвор од животна опасност. Според полицискиот увид, веројатно невнимателно ја преминувало улицата при што било удрено од две возила, Шкода Октавија управувана од Н.М.(58) и Фолксваген Поло управувано од И.Б. (36), исто така жители на Тетово. Веднаш потоа било префрлено во тетовската клиничка болница.

Другите две сообраќајки се случиле скоро во исто време, околу 13 часот и 20 минути, на приближно исто место, кај натпатникот за Палчиште на автопатот Тетово - Гостивар.

Во првиот случај возачката Р.Р. (44) од Тетово загубила контрола на автомобилот БМВ што го управувала по што возилото излетало од патот и се превртело. Со телесни повреди се здобиле возачката и двете сопатнички, 17-годишна жителка на Тетово и 18-годишна жителка на гостиварското село Градец. Сите три се префрлени во тетовската болница и по укажаната лекарска помош се пуштени дома. Според полицискиот увид, причина за сообраќајката е неприлагодена брзина, а причинетата материјална штета се проценува на околу 60 илјади денари.

Во вториот случај, во близина на истото место се судриле две возила, Сеат Кордоба управувано од М.М. (73) од Скопје и Ауди А4 управувано од Б.И.(42) од тетовско Горно Седларце. Повредени се возачот на Аудито и неговиот 51-годишен сопатник кои по укажаната помош во тетовската клиничка болница биле пуштени на домашно лекување. Материјалната штета се проценува на околу 80.000 денари. Полицијата работи на утврдување на причините што довеле до оваа сообраќајка.