Македонија
11. February 2019 - 16:08

Три смртни случаи од морбили за 3 дена - почина 13-месечно дете невакцинирано од мали сипаници

Уште едно тринаесетмесечно дете синоќа починало на детската клиника од компликации од морбили. За три дена ова е трет смртен случај. Детето од тетовско не било вакцинирано и немало хронични заболувања. Со мали сипаници најверојатно се заразило на Клиниката за детски болести каде пред три недели било на лекување поради влошено здравје.

Епидемиолозите уште еднаш повикаа на вакцинација со МРП како единствена заштита од морбили. Доктор Караџовски е револтиран бидејќи родителите наместо лекарите ги читале и слушале советите од социјалните мрежи и затоа сега епидемијата ескалира и зема човечки животи.

Според Караџовски епидемија на морбили има во цела Европа и кај нас нема бргу да заврши. Епидемиолозите повикуваат да не се политизира ситуацијата со малите сипаници.

Последното деноноќие на Инфективна биле потврдени 7 нови случаи со морбили. Две деца и жена на 32 годишна возраст задржани се на лекување. На Клиниката со посериозни компликации хоспитализирани се вкупно 26 пациенти, а во тешка здравствена состојба на Детска има 2 деца.

Во петокот на Инфективна почина шест месечно бебе од Куманово, а во  саботата со вирусот на морбили не успеа да се избори и 13-месечно дете од Свети Николе.