Македонија
21. March 2019 - 22:16

Три шумски пожари денеска во кривопаланечко, се уште активен во селото Огут

Во изминатите дваесет и четири часа на подрачјето на општина Крива Паланка се евидентирани вкупно шест пожари. Од нив пет се на отворен простор, а опожарени се шумска вегетација, стрништа и овоштарници.

Командирот на Територијалната противпожарна единица Иле Коцевски информира дека вчера и денес во состојба на приправност е целата единица.

– Вчера се случија три пожари, од кои два предизвикани од палење стрништа при расчистување на земјоделски површини. Три хектари шума, сува трева и бор се опожарени во пожарот во село  Подржикоњ, м.в.Косачи. Пожарот беше пријавен во 09:40 часот утрината, а го гаснеа четворица пожарникари, петмина вработени во ЈП Македонски шуми и седуммина граѓани. Материјалната штета се проценува на околу триесет илјади денари. Вториот пожар е пријавен за запален неисправен плински уред во приватен стан, а во третиот пожар во селото Конопница, кај црквата, опожарен е цел овоштарник со сливи, изјави Коцевски.

Од 4 март досега извршени се 26 интервенции, а над 90 проценти од нив се на отворено.

– Од почетокот на годината досега се случиле вкупно 44 интервенции, бројка што ги надминува минатогодишните во најтоплите месеци. Состојбата е повеќе од алармантна. Денеска повторно се случија три пожари, двата се ликвидирани, едниот во Кркља каде е опожарена шума околу три декари, а другиот во селото Метежево каде изгореа околу три хектари шума. Пожарникарите се уште на терен, го гаснат пожарот во селото Огут, истакна Коцевски.

Поради зголемениот број пожари на подрачјето на општината за дваесет дена, за утре е закажана седница на локалниот совет за превенција.