Македонија
3. October 2017 - 13:45

Три нови случаи на заболени од морбили

Три нови случаи со морбили од т.н. депонија Кванташки пазар се регистрирани изминатата недела со што вкупниот број е шест хоспитализирани лица, а од минатиот месец досега вкупниот број заболени изнесува 11, изјави денеска д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје, член на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

Посочи дека сите шест лица се изолирани на Инфективната клиника и се далеку од можноста за пренесување на заболувањето меѓу населението.

- По дознавањето за сите овие случаи екипи од Центарот за јавно здравје и од Институтот за јавно здравје беа на терен и извршија масовна вакцинација на сите лица кои подлежат, а кои не биле вакцинирани во изминатиот период. Во Скопје и во Република Македонија вкупно се вакцинирани 1.932 случаи, од кои 1.352 се само во Скопје во изминатата недела. Тоа се лица кои не биле вакцинирани, а се со активно пребарување најдени на територијата и се вакцинирани, истакна Караџовски.