Македонија
19. April 2018 - 16:18

Три малолетнички ќе одговараат кривично за насилството во училиштето во Неготино

Три малолетнички кои учествувале во бруталното тепање на соученичка во неготинското училиште ќе одговараат за насилство. Полицијата поднесе посебен извештај за ученичките до велешкото јавно обвинителство. Кривична пријава заработи и обезбедувачот кој навреме не реагирал за да го спречи инцидентот. И додека јавноста се уште е шокирана од скандалозната снимка од Неготино, МВР евидентираше нов случај на насилство во средното училиште Боро Петрушевски во Скопје. 16-годишен средношколец со нож прободел во стомак соученик. Кавгата им почнала уште во автобус кога оделе на настава и кулминирала пред влегување во училница. Малолетникот ќе одговара за кривично дело - тешка телесна повреда. Засега е нејасно како влегол со нож во образовна институција а покрај полицијата увид ќе прави и државниот просветен инспекторат. За првата детска амбасада Меѓаши е алармантно што и скопскиот и неготинскиот настан се случуваат во училишен двор.

-Погубно е за граѓанството, кога родители гледаат што се случува во училиштата, што гледаат каде учат нивните деца и колку се безбедни. Затоа е неопходно градење на култура за ненасилство уште од предучилишна возраст, вели Драги Змијанац од Меѓаши

Од каде толку агресија и насилство кај децата, според Змијанац се клучните моменти за кои треба да се мобилизираат сите учесници во воспитно образовниот процес.

-Наставницви, воспитувачи, директори на училишта, локална самоуправа – треба да се мобилизираат сите и треба да се работи со младите. Мора да има воспоставување на превентивни програми преку кои ќе се анулира ова насилство кај децата, вели Змијанац.

Постоењето на обезбедување во училиштата, според експертите, не е доволна гаранција за безбедноста следејќи го примерот со Неготино. Но велат дека е добро да ги има и не треба да ги плаќаат родителите туку тоа да биде обврска на локалната самоуправа.