Три лица кривично ќе одговараат за случајот со бебето оставено пред Домот за доенчиња во Битола | Сител Телевизија
Македонија
17. July 2018 - 18:22

Три лица кривично ќе одговараат за случајот со бебето оставено пред Домот за доенчиња во Битола

Три лица кривично ќе одговараат за случајот со оставеното женско новороденче пред Домот за доенчиња Битола. СВР Тетово и СВР Битола поднесоа кривични пријави против мајката на бебето, нејзиниот невенчан сопруг, како и нејзиниот татко. Против 17-годишната мајка од тетовско Желино поднесена е кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола заради основано сомнение дека сторила кривично дело „напуштање немоќно дете“. Против нејзиниот невенчан сопруг пак, 27-годишниот Ш.А. од тетовското село Долна Лешница е поднесена кривична пријава за „вонбрачен живот со малолетно лице“. За истото дело се сомничи и нејзиниот татко, 38-годишниот Б.А. од тетовско Желино, кој и допуштил, односно и дозволил на малолетничката да живее во вонбрачна заедница со друго лице.

Инаку малолетничката веќе имала и друго дете на возраст од година и пол. По сопствена иницијатива предмет за случајот отвори и Народниот правобранотел. Укажано е на потребата од преземање мерки за стручно работење со малолетната мајка во насока на психолошка-социјална поддршка, да се направи проценка на нејзините капацитети со цел детето да биде со мајката.

Женското бебе, старо само неколку дена беше оставено на 1 јули околу полноќ пред Домот за доенчиња во Битола, во рацете на 50-годишен битолчанец. Полицијата неколку дена трагаше по мајката, а бебето веднаш после пронаоѓањто и извршените лекарски прегледи беше згрижено во Домот за доенчиња Битола.