Бизнис
3. March 2017 - 13:30

Трговската размена со странство во јануари 807,4 милиони долари

Вкупната надворешно-трговска размена во јануари изнесува 807.412.000 американски долари од кои на извозот отпаѓаат 343.784.000, а вредноста на увезената стока изнесува 463.628.000 долари.

Според денеска објавените податоци на Државниот завод за статистика, извозот бележи пораст од 9,6 проценти во споредба со истиот период лани, а  пораст има и кај увозот за 20,4 проценти. 

Трговскиот дефицит во јануари изнесува 119.844.000 долари.  

Најголемо учество во извозот имаат катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.

Во јануари Македонија најмногу тргувала со Германија, Грција, Велика Британија, Кина и Србија.