Бизнис
20. November 2015 - 18:04

Трговија и заеднички инвестиции во фокусот на македонско-грчкиот бизнис-форум

Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) Данела Арсовска и делгација од секторските претседатели и стопанственици на Комората денеска беа  домаќини на бизнис-делегација од Грција. Средбата следува само еден месец по одржувањето на првиот грчко-македонски бизнис-форум во Солун. 

Претседателот на грчката бизнис-делегација, Киријакос Луфакис, и претседателот на ССК,  Арсовска, потпишаа меморандум за соработка за дополнително зацврстување на бизнис-реалциите меѓу коморите од двете земји.

Грчката бизнис-делегација презентираше студија за можностите за трговија и заеднички инвестиции со компаниите од Република Македонија, во која дополнително се елаборирани секторите транспорт, градежништво, туризам, агроиндустрија и потенцијалите за зацврстување на бизнис-соработката.

- Потпишувањето на меморандумот за соработка и втората средба меѓу бизнисмените од двете земји во овој краток период укажува на тоа дека кога е во прашање бизнисот, политиката нема влијание. Горди сме што континуирано успеваме да ги надминеме политичките бариери и да докажеме дека бизнисот и воопшто партнерите од двете држави ќе продолжат успешно да соработуваат и да бидат поттик за надминување на сите предизвици меѓу двете соседски земји, изјави Арсовска.

Таа нагласи дека треба да се развиваат добрососедските односи и, како што рече, да не дозволиме влијанијата на политиката да имаат негативен ефект врз економиите и бизнисот на двете држави.

- Веруваме дека во иднина ќе успееме дополнително да ги продлабочиме деловните релации. Од денешната средба договорено е да делуваме во насока на воспоставување директна авиолинија Скопје – Атина која ќе има големо влијание за подобрување на деловните односи, како и забрзување на проектот Коридор 10, додаде Арсовска.

На бизнис-форумот присуствуваше и градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, а се обрати и Дејвид Филипс, професор на Универзитетот „Колумбија“ во САД. На форумот беше истакнато дека потенцијалите за соработка меѓу двете земји се големи, како меѓу компаниите, така и за заеднички настапи на трети земји и учество на заеднички проекти. 

Надворешно-трговската размена на Република Македонија со Република Грција е значајна од аспект на вкупната надворешно-трговска размена, посебно имајќи предвид дека Грција континуирано се наоѓа меѓу петте најзначајни наши надворешно-трговски партнери.  Вкупната трговска размена со Грција во првите осум месеци од 2015 година достигна вредност од 397 милиони евра. Притоа, остварен е извоз во вредност од 98 милиони евра и увоз од 299 милиони евра.