Македонија
23. February 2016 - 16:20

Третото рочиште за Диво насеље затворено за јавноста

Денешното рочиште за случајот Диво насеље се одвиваше без присуство на јавноста. Судската сала беше претесна за новинарите. Поради реновирање на големата сала во Врховниот суд каде се одржаа претходните две рочишта, денешно беше закажано во помала сала во Основниот суд Скопје 1.  И покрај големиот интерес, во Кривичниот суд не беа обезбедени соодветни услови, по што повеќе од дваесетина новинарски екипи останаа надвор. покрај осудените и нивните адвокати, на судењето присуствуваа единствено претставници на ОБСЕ и косовската амбасада.

Според информации од судот, утрово сведочеа четворица полициски службеници кои лани беа нападнати во караулата во Гошинце и една жителка на кумановски Диво Насеље. Сведоците се повикани на барање на обвинителство, кое тврди дека со оружјето кое беше украдено во Гошинце, неколку недели подоцна беше извршен и нападот во Диво насеље.

На обвинителна клупа седат 29 лица во најголем дел косовски државјани, обвинети за две кривични дела „тероризам“ и „терористичка организација“. На претходното рочиште тие тврдеа дека не се терористи туку жртви на политички игри. Во крвавиот напад во Диво насеље лани животот го загубија 8 припадници на македонските безбедносни сили, повеќе од 40 беа тешко поврдени, а загинаа и 10-мина членови на вооружената група.

Следното рочиште е закажано за 25 февруари, за кога од судот уверуваа дека ќе бидат обезбедени и соодветни услови за работа на новинарите.