Македонија
24. February 2019 - 14:15

Трет национален и меѓународен натпревар во уметничко лизгање „Скопје на мраз 2019“

Во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје изминатите два дена се одржа третиот национален и меѓународен натпревар во уметничко лизгање „Скопје на мраз 2019“ на кој настапија вкупно 73 натпреварувачки од земјава и регионот.

На државното првенство, кое се одржа во рамките на натпреварот, највисоко на пиедесталот се искачија Нина Стрезовска во категорија на сениорки, Јана Куковска во младинки и Ангела Прилепчанска во категоријата на јуниорки.

Во интерпретативни категории најдобри на мразот беа гостите од Србија Милица Круниќ, Ана Радуловиќ и Анита Ковач.

„Скопје на мраз“ е во организација на Федерацијата на лизгачки спортови на Македонија и има за цел популаризирање на овој спорт и поттикнување што е можно повеќе млади да се занимаваат со уметничко лизгање.Овогодинешното издание е поддржано од Агенцијата за млади и спорт, како и повеќе приватни компании.

Од федерацијата апелираат дека е неопходно да се создадат подобри услови за практикување на овој спорт пред сè преку изградба на затворено лизгалиште.