Свет
8. February 2021 - 13:11

Трет ден масовни протести во Мјанмар, полицијата употреби водени топови

Десетици илјади демонстранти излегоа на улиците во Мјанмар, трет ден по ред поради соборувањето од власт на премиерката Аунг Сан Су Чи со воен удар пред една недела.

Полицијата ги растера учесниците на протестот со водени топови во главниот град Непјидо.

Илјадници луѓе се собраа во југоисточниот крајбрежен град Давеи, како и во северната провинција Качин. Меѓу демонстрантите има различни етнички групи, што покажува широко распространет отпор кон преземањето на власта од страна на војската.

Во најголемиот град Јангон будистичките свештеници се придружија на протестите на просветните работници и студентите.

Оние кои беа критички настроени кон лидерката Су Чи и односот на нејзината влада кон малцинствата, исто така протестираат против пучот. Повиците за протести и граѓанска непослушност во врска со превратот, кој наиде на меѓународна осуда, се сè погласни. Актуелните протести се најголеми од Револуцијата на шафранот предводена од будистите во 2007 година, кога власта беше принудена на демократски реформи.