Фудбал
5. July 2017 - 19:31

Треневски: Посакуваме нов триумф над Тре Пене

Екипата на Работнички утре ќе го игра реванш натпреварот против Тре Пене, претставникот на Сан Марино, во рамките на првото квалификациско коло од Лигата на Европа. Триумфот од 1:0 по првиот меч е солидна предност, но тренерот Виктор Треневски најавува нова победа на Работнички и во Скопје.

- Нашата цел е да оствариме уште една победа над Тре Пене и да се пласираме во следната рунда. Го респектираме противникот, не се тие наивен тим, но ние сме уверени во нашите квалитети и посакуваме нов триумф. Доколку наметнеме наше темпо, мислам дека Тре Пене тоа нема да може да го следи. Сепак, нема веќе „рибари“ во европските купови, видовме дека може да загуби и Глазгов Ренџерс, па максимално сериозно му приоѓаме на мечот, изјави Треневски.

Натпреварот меѓу Работнички и Тре Пене ќе се игра утре, со почеток во 17:30 часот, на комплексот „Петар Милошевски“ во Куќата на фудбалот.

Билетите за овој меч веќе се пуштени во оптек преку продажбата мрежа на МК Тикетс по цена од 150 денари, а утре во пресрет на натпреварот билети ќе можат да се купат и пред самиот влез на стадионот.