Македонија
18. January 2019 - 14:01

Транспортна стратегија до 2030. : Со воз до скопскиот меѓународен аеродром

Околу 104 активности ќе се реализираат во транспортната мрежа во Македонија до 2030 година. За реализација на овие проекти предвидено е да се потрошат околу 4,2 милијарди евра од кои најголем дел ќе се обезбедат преку кредити и ИПА средства.

Ова е предвидено во Националната транспортна стратегија што ја донесе Владата на предлог на Министерството за транспорт и врски, а која денеска ја презентираше министерот за транспорт Горан Сугарески.

Меѓу покрупните проекти предвидени со Стратегијата во делот на патната инфраструктура се довршувањето на автопатот од Кичево до Охрид, изградба на автопатот од Скопје до Блаце, изградба на нов автопат од Гостивар до Кичево, како и изградба на ниво на автопат на делницата од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир и од Струмица до границата со Бугарија.

Во делот на железницата, покрај изградбата на пругата од Куманово до бугарска граница, планирани се и изградба на заеднички железнички граничен премин на Табановце и да се воведе железничка линија до аеродромот во Скопје.

Идејата за воведување воз од Скопје до скопскиот аеродром, како што посочуваат од Министерството за транспорт и врски, не е нова, но за нејзината реализација се чекало да се зголеми бројот на превезени патници на скопскиот аеродром.

– Исплатливоста на пругата од скопска железничка станица до аеродромот беше авионскиот превоз да привлече до два милиони патника бидејќи кога се правеа анализите, тие покажаа дека кога ќе се постигне ова, тогаш ќе биде исплатлива оваа релација бидејќи инвестицијата е значителна, истакна Билјана Здравева, раководител на секторот железници.

Во моментот не се знае колку ќе чини овој проект, со кој е планирано да се одвои крак кај Миладиновци за аеродомот. Она што првично следува е да се комплетира документацијата.

Министерот за транспорт и врски очекува најголем дел од проектите во патниот сообраќај да бидат завршени до 2020-2021 година, а во делот на железницата планирано е до 2025 година да заврши комплетно изградбата на пругата кон Бугарија.

– Крајната цел на Националната стратегија за транспорт е да се развие хармонизиран транспртен сектор што е меѓународно компатибилен и интегриран во европскиот систем на транспортни мрежи, а кој ќе го стимулира економскиот и социјалниот развој на земјата, ќе ја чува животната средина и ги обезбедува потребите на идните генерации, рече Сугарески.

Проектите од Стратегијата ќе се реализираат согласно приоритетите на Владата.