Бизнис
21. February 2018 - 18:27

Транспортерите на руда за „Фени” не постигнале договор со претставниците на „Џи Сол”

Транспортерите од Здружението „Кипер” кои побаруваат околу четири милиони евра од „Фени” за пренос на руда, денеска на состанок во комбинатот, не постигнаа договор со претставниците на „Џи Сол” кои се претставуваат како закупци на „Фени индустри”, информираше Трајче Пејовски, претседател на Здружението. 

- Претставниците на „Џи Сол” не го одржаа своето ветување дека ќе го вратат долгот на транспортерите кои го имаат пријавено како побарување во стечајната постапка за „Фени”, преку „Нова логистик” Кавадарци. На вчерашниот состанок со вицепремиерот Анѓушев беше договорено да не исплатат во целост, а не како што кажаа денес на состанокот, да платат дел, а другиот дел на некои рати. Ние не се согласуваме на тоа и нема ништо од тој договор. Утре ќе имаме пак состанок и од понеделник ќе продолжиме со блокади. Вицепремиерот им кажа ако немате пари да исплатите на транспортерите да си одите дома, има други фирми кои сакаат да го купат „Фени”, нагласи Пејовски.

Транспортерите, како што рече, располагаат со информација дека имало и такви кои со пари сакаат да го купат комбинатот. Станувало збор за бугарска фирма со која, според информациите, би немало никакви проблеми. Би се исплатиле долговите кон сите доверители. А долговите, додаде, се преголеми и се трупаат секојдневно.