Македонија
11. July 2018 - 16:22

Трансплантацијата на органи во застој - владата избра нов национален координатор за трансплантација

Три години во Македонија не е направена ниту една трансплантација на бубрези од починат донор, а орган чекаат околу 200 пациенти на дијализа. Една од причините за застојот беше немањето Национален координатор. На оваа функција Владата на последната седница ја назначи д-р Маја Мојсова од КАРИЛ. За ова место конкурирале тројца лекари.

-Владата на Република Македонија  во рамки на 78-мата седница ја разгледа информацијата за спроведена постапка по објавен оглас и го прифати предлог – решението д-р Маја Мојсова Мијовска да биде национален координатор за трансплантација, изјави Муамет Хоџа, портпарол на Владата на Р. Македонија

Новиот национален координатор треба да ја заживее кадаверичната трансплантација. Досега во земјава се вршени само пресадувања на бубрези од починат донор. Прв пат вакви зафати во Македонија се направени пред три децении, а по подолг застој заживеа во 2014, но за кратко. Извесен период на Урологија немаше ниту пресадувања на бубрези од жив донор, а лани биле направени 16 вакви трансплантации.