Свет
19. July 2019 - 8:24

Трамп: Соборивме ирански дрон во Ормутскиот Теснец

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека американски разорувач соборил еден ирански дрон во Ормутскиот Теснец меѓу Оман и Иран, кој го спојува Персискиот со Оманскиот Залив.

Трамп изјави дека се работи за уште една непријателска акција на Иран и ги повика другите земји да ги осудат, како што ги нарече, иранските обиди да се наруши слободата на пловидба и глобална трговија на стратешките морски патишта во Персискиот залив.

Тој прецизираше дека дронот е соборен во одбранбена акција на американскиот разорувач „Боксер“, откако иранското летало му се доближило на бродот на помалку од еден километар и не одговорило на неколку повици да се повлече.

Но Иран тврди дека такво нешто не се случило.

– Денеска немаме никаква информација за загуба на дрон, изјави иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф. Тој не кажа ништо друго во врска со наводниот инцидент.