Свет
26. October 2017 - 8:35

Трамп: Сакам да ги подобрам односите со Русија

Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за телевизијата Фокс изјави дека би сакал САД да имаат добри односи со Русија.

- Би било одлично кога би соработувале со Русија. Не гледам ништо лошо во соработка со Русија. И тие се нуклеарна сила. Мислам дека би можеле да имаме добри односи. Така полесно би ја решиле ситуацијата со Северна Кореја. Зборував со претседателот на Кина и му честитав на неговата голема победа. Би било прекрасно кога би можел да зборувам и со Кина и со Русија, изјави Трамп, кој му честиташе на кинескиот претседател Си Џинпинг за неговото вклучување меѓу идеолозите на кинеската Комунистичка партија на последниот конгрес. 

Трамп, кој се подготвува за својата прва турнеја по источна Азија, изјави дека работи на решавање на проблемот со Северна Кореја и дека добро соработува со Кина по ова прашање, додавајќи дека би сакал да ја има помошта и на Русија.

Според него, обвинувањата за негова поврзаност со руски бизнисмени или разузнавачки агенти се само обид на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон да ја префрли вината за нејзиниот изборен пораз.

Трамп посочи дека информациите за поврзаност на клучни луѓе токму од кампањата на Клинтон, како браќата Џон и Тони Подеста, со руски провладини организации, како и вмешаноста на семејството Клинтон во продажбата на американски ураниумски рудници на руски компании, претставуваат многу посериозни индикатори за поврзаност со Русија.

- Јас од почетокот велев дека Русија им е изговор на демократите за изборниот пораз. А сега слушаме колку пари им биле дадени, кога ги гледаме сите овие работи за Подеста и нивните врски кои ги имаат со Русија, изјави Трамп.

По победата на Трамп, Демократската партија интензивно го обвинуваше претседателот за неговите контакти со Русија, поради што беше именуван и специјален обвинител. Истрагата на специјалниот обвинител Роберт Мулер укажа дека постојат руски врски меѓу Џон Подеста, шеф на изборниот штаб на Хилари Клинтон кој беше најавуван како иден државен секретар, доколку та победи на изборите.