Свет
3. May 2017 - 22:37

Трамп: Подготвен сум да посредувам меѓу Палестинците и Израелците

Претседателот на САД Доналд Трамп изјави денеска дека е подготвен да помогне и да биде посредник во потпишувањето на конечниот мировен договор меѓу Палестинците и Израел. 

Трамп на прес-конференцијата одржана пред состанокот со палестинскиот претседател Махмуд Абас во Белата куќа истакна дека Израелците и Палестинците мораат да работат заедно со цел постигнување на договор, што не може да биде наметнат. 

- Подготвен сум да бидам посредник и да ви помогнам. Но, вие мора да постигнете договор. Палестинските лидери мораат едногласно да го осудат насилството и омразата, наведе Трамп. 

Американскиот претседател нагласи дека мирот значи и победа над терористичките организации како што е Исламската држава. Тој ја пофали соработката меѓу безбедносните служби на Израел и Палестина. 

Абас изрази уверување дека Трамп може да помогне да се постигне долго очекуваниот мир. 

- Вие сте посветени и имате желба се да добие свој „плод“ и да биде успешно, објасни Абас. 

Трамп најави дека ќе разговара со Абас за економската соработка, развојот на приватниот бизнис, вработувањето и владеењето на правото, што, како што нагласи тој, се клучни за постигнување на мир.