Свет
26. May 2017 - 8:44

Трамп очекува тешки дискусии за трговијата и климата на самитот Г-7 на Сицилија

Американскиот претседател Доналд Трамп на денешната и утрешна средба со лидерите од Групата седум најразвиени земји (Г-7) на Сицилија, очекува тешки дискусии за трговијата и климатските промени, изјави неговиот економски советник Гари Коун, цитиран од британските медиуми.

Американскиот претседател планира да стави силен акцент на значењето на внатрешниот економски раст. Неговите колеги од Г-7 се вознемирени дека тој може да ги исполни своите ветувања дадени  за време на предизборната кампања во однос на протекционистичката политика и да се откаже од преземените обврски на САД во однос на намалувањето на штетните емисии на гас, согласно Парискиот договор за климата.

Пред новинарите, за време на летот на Трамп кон Сицилија, Коун изјави дека и двете теми ќе бидат засегнати на средбата на Г-7.

- Ќе имаме многу тешки дискусии за трговијата и за тоа што мисли претседателот за слободна и отворена трговија, дополни тој и објасни дека доколку другите земји не ги кренат трговските бариери и не наметнуваат царини, тогаш и САД ќе одговорат со истото.

Економскиот советник, исто така, прогнозира тешки разговори за климатските промени, истакнувајќи дека претседателот, кој неодамна глобалното затоплување го нарече „измислица“,  одлуката за Парискиот договор ќе ја донесе откако ќе се врати во Вашингтон од својата прва турнеја во странство.

Коун потсети дека европските земји постигнале поголем напредок во намалувањето на штетните емисии на гас и дека доколку американските индустрии се обидат пребрзо да ги стигнат, тоа ќе ќе ги чини многу пари.

- Видете, ние веруваме во животната средина. Веруваме во чистиот воздух и чистата вода. Но, веруваме, исто така, и во економскиот раст, така што треба да најдеме баланс, посочи советникот.

Коун појасни дека меѓи другите теми на самитот Г-7 ќе се разговара и за тероризмот, кибер безбедноста, Северна Кореја, Авганистан, Пакистан и Русија.