Свет
11. August 2020 - 9:36

Трамп напушти брифинг поради пукање во близина на Белата куќа

Американскиот претседател Доналд Трамп одеднаш ја напушти конференциската сала, само неколку моменти откако почна брифингот за коронавирусот, и веднаш потоа се врати на подиумот за да им каже на новинарите дека обезбедувањето го оддалечило од брифингот, затоа што имало пукање во близина на Белата куќа.

– Би сакал да ѝ се заблагодарам на тајната служба за нивната секогаш брза и многу ефикасна работа. Имено, имаше пукање и некој беше однесен во болница, рече Трамп.

Како што рече, изгледа дека лицето било застрелано од тајната служба „па ќе видиме што се случува“, додаде тој и истакна дека не знае во каква состојба е лицето во кое било пукано.

Висок службеник на администрацијата потврди за Си-Ен-Ен дека лицето кое отворило оган е во притвор.

Инцидентот се случил на границата на 17-та и авенијата Пенсилванија, веднаш пред теренот на Белата куќа во близина на паркот Лафиет.