Свет
18. December 2018 - 18:22

Трамп: Ќе ги угостам Тачи и Вучиќ во Белата куќа за да го прославиме историскиот договор

Американскиот претседател Доналд Трамп во писмото до косовскиот претседател Хашим Тачи порача дека Вашингтон е подготвен да му помогне во неговите напори да постигне договор со кој ќе се почитуваат интересите на Косово и Србија.

Во писмото, Трамп изразува задоволство од разговорите со Тачи на прославата на Денот на примирјето во Париз, истакнувајќи дека Косово е клучен партнер на Вашингтон „за гарантирање на мирот и стабилноста во цела Европа“

Американскиот претседател му порачува на Тачи дека ги поздравува неговите сегашни напори за помирување со Србија.

– Неуспехот да се искористи оваа ретка можност би претставувал трагично назадување, бидејќи друга можност за постигнување сеопфатен мировен договор тешко дека ќе се укаже во догледно време, се вели во писмото на Трамп.

Американскиот претседател ги охрабрува Тачи и другите косовски лидери „да го искористат единствениот момент, да говорат едногласно при мировните преговори и да се воздражуваат од дејствија кои можат да го отежнат постигнувањето на договорот“.

Во писмото Трамп потсетува дека САД вложиле многу во успехот на Косово како независна и суверена држава, додавајќи дека сака Косово да продолжи да се развива.
– Ние сме подготвени да ви помогнеме во вашите напори да постигнете договор кој ги почитува интересите на Косово и на Србија. Таквиот договор е на дофат на раката. Ќе ми биде драго да ве угостам, Вас и претседателот Александар Вучиќ во Белата куќа за да го прославиме она што претставува историски договор, наведува Трамп во писмото до Тачи.