Свет
1. September 2017 - 8:21

Трамп ќе даде еден милион долари од личниот фонд за помош на настраданите од „Харви“

Белата куќа вечерва соопшти дека претседателот на САД Доналд Трамп ќе донира еден милион долари од личните фондови за помош за отстранување на последиците од ураганот „Харви“.

Тоа го изјави портпаролката на Белата куќа, Хакаби Сандерс, која го пренесе повикот на Трамп до новинарите да му помогнат во одлуката на која организација треба да и ги даде парите.

- Во поплавите кои ги предизвика „Харви“ се уништени околу 100.000 домови, нагласи советникот на Трамп за внатрешна безбедност, Том Босарт.

Тој додаде дека Белата куќа планира да побара од Конгресот дополнителни финансии за справување со штетите од природната катастрофа.

Околу 7.000 пациенти од здравствени установи беа евакуирани од тексашкиот град Бомонт, каде во прекин е водоснабдувањето поради поплавени пумпни станици.

„Харви“ пред една недела го зафати копнениот дел на Тексас како ураган од четврта категорија и предизвика огромни поплави во градот Хјустон и други реони на државата. Тоа е најмоќниот ураган во САД во последните 12 години.