Свет
8. May 2016 - 19:17

Трамп ќе биде претседател и без единство на партијата

Претенденот за кандидат на републиканците за претседател на САД Доналд Трамп изјави дека може да победи на претседателските избори и без обединета поддршка од неговата партија.

Тој, во интервју за Еј-Би-Си њуз, истакна дека повеќе милиони демократи ќе гласаат за него и оти, како што нагласи, ќе ги придобие приврзаниците на демократскиот претендент за номинација за претседател Барни Сандерс.

Трамп порача дека Републиканската партија не мора да биде обединета во давањето поддршка на неговата кандидатура за претседател, бидејќи, како што наведе, тој е „многу поинаков од можеби сите претходни кандидати за таа функција“.

- Мислам дека би било подобро да е обединета, би имало нешто добро во тоа, но не мислам дека всушност мора да биде единствена во традиционална смисла, оцени Трамп.

Голем број републиканци, меѓу кои и поранешниот гувернер на Флорида Џеб Буш, сенаторот од Јужна Каролина Линдзи Грејам и претендентот за номинација за кандидатура за претседател на Републиканската партија во 2012 година Мит Ромни изјавија дека нема да гласаат за Трамп.