Свет
13. May 2018 - 10:08

Трамп ја поздрави одлуката на Пјонгјанг: Благодариме, паметен чекор

Американскиот претседател Доналд Трамп ја поздрави одлуката на Северна Кореја да го уништи нуклеарниот полигон. 

- Северна Кореја објави дека ќе го исклучи и уништи полигонот за нуклеарно тестирање овој месец, пред големиот самит. Ви благодариме, многу паметен чекор, наведе синоќа Трамп на Твитер. 

Како што претходно јави МИА, севернокорејското Министерство за надворешни работи соопшти дека кон крајот на овој месец ќе одржи церемонија на затворање и уништување на полигонот за нуклеарно тестирање.

Зависно од временските услови, уништувањето на полигонот ќе се спроведе меѓу 23 и 25 мај, со цел да се одржи ветувањето дека Пјонгјанг ќе прекине со нуклеарните тестирања. Предвидено е тој настан да биде симболичен и драматичен, со што ќе постави основа за средбата меѓу севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и американскиот претседател Доналд Трамп, која е закажана за 12 јуни во Сингапур.

Министерството наведува дека сите тунели на полигонот Пунгери ќе бидат уништени со експлозиви, а ќе бидат отстранети и набљудувачките и истражувачки објекти, како и копнените единици.

Северна Кореја планира да им испрати покани на новинари од САД, Јужна Кореја, Кина, Русија и Велика Британија, кои ќе можат да присуствуваат на настанот.