Свет
23. November 2016 - 17:29

Трамп ја именува Ники Хејли за иден амбасадор на САД во ОН

Гувернерот на американската сојузна држава Јужна Каролина, Нимрата „Ники“ Хејли е именувана денеска за иден амбасадор на САД во Обединетите нации.

Таа е дете на имигранти, доселени од Индија и е првата жена и припадник на една малцинска заедница, која е определена да биде дел од идната администрација на новозибраниот американски претседател Доналд Трамп.

Нимрата „Ники“ Рандава, мажена Хејли, (44) е истакнат функционер на Републиканската партија. Таа важи за политичка ѕвезда во подем и е најмаладиот гувернер во САД.

Во текот на годинешнава предизборна кампања, таа беше остар критичар на политиката и ставовите на Трамп, осудувајќи ги неговите погледи кон мигрантите.

Хејли јавно се спротивстави на барањата на Трамп да не се дозволи раселување на сириските бегалци низ Јужна Каролина.

Таа прво му даваше поддршка на сенаторот од Флорида, Марко Рубио, кој како и неа е дете на родители имигранти, а кога тој се повлече од изборната трка, до крајот беше поддржувач на сенаторот Тед Круз.

Пред и по номинирањето на Трамп за републикански кандидат за изборите, Ники Хејли изјави дека нема да гласа за ниту еден од кандидатите.

Во американската политичка јавност таа е позната како противник на социјалната и здравствена програма на Барак Обама, за која Трамп прво рече дека ќе ја укине ако биде избран за претседател, а сега вели дека ќе изврши нејзина ревизија.

Ники Хејли ги освои симпатиите на сите во САД, кога нареди од зградите на државните институции во Јужна Каролина да се симне знамето на некогашната Конфедерација (на Југот) од времето на Граѓанската војна во Америка во средината на 19 век.

Новоименуваниот амбасадор во ОН е мажена за капетанот на Националната гарда, Мајкл Хејли.

На амбасадорската функција во Светската организација, таа ќе ја замени Саманта Пауер, поранешен советник во Белата куќа, а пред тоа новинар известувач од воените судири низ светот, меѓу кои и од Косово и Босна и Херцеговина.