Свет
24. April 2018 - 21:56

Трамп и Макрон разговараа за Иран, Северна Кореја, Сирија

 Се надевам дека ќе можеме да соработуваме многу отворено и чесно со Северна Кореја. Започнав процес за кој сите мислеа дека е апсолутно погрешно, изјави денеска американскиот претседател Доналд Трамп на заедничката прес-конференција со францускиот колега Емануел Макрон.

Изјавата на Трамп дојде како појаснување на неговата денешна забелешка дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун е „многу отворен и многу чесен“.

Тој истакна дека Пјонгјанг бара американско-севернокорејскиот Самит да се одржи „наскоро“. 

- Можеби ќе биде прекрасно. И можеби нема. ... за разлика од минатите администрации, јас ќе си станам од масата, рече Трамп претходно денеска, демантирајќи ги гласините дека направил многу отстапки на Пјонгјанг.

На заедничката прес-конференција со Макрон, Трамп изјави дека во моментов многу нешта се случуваат и изрази надеж дека работите позитивно ќе се развиваат за Северна Кореја, Јужна Кореја и Јапонија.

Тој воедно истакна дека САД се благодарни на Франција за „клучното партнерство за ставање максимум притисок врз режимот во Северна Кореја“

Нарекувајќи го Макрон „голем пријател“ и сојузник на САД, Трамп рече дека Вашингтон и Париз се соочуваат со истиот предизвик на „неконтролирана миграција“. 

Тој го пофали Макрон за чесното справување со прашањето на миграцијата во Франција, дури и кога другите не се согласуваат со неговото гледиште.

Што се однесува на иранскиот нуклеарен договор, Макрон изјави дека не е тајна дека двајцата претседатели не се согласуваат на таа тема, но истакна дека Франција „посакува да работи на нов договор со Иран“.

Тој го нарече сегашниот договор „недоволен договор", но рече дека двајцата  воделе „искрени разговори" околу ова прашање.

Макрон истакна дека Франција сака да работи на нов договор со кој ќе се блокира целата нуклеарна активност на Иран до 2025 година, а во кој исто така, ќе бидат вброени и активностите на Техеран во регионот.

Трамп експлицитно го повика Иран за неговата улога во развојот на нуклеарно оружје. - Каде и да одите на Блискиот Исток, на проблемите ќе ги видите отпечатоците на Иран, вели американскиот претседател.

Што се однесува на ситуацијата во Сирија, Макрон изрази надеж дека заеднички, може да се најде долгорочно решение за таа земја. Тој рече дека меѓународните партнери треба да го „освојат мирот" во регионот.

Трамп ја истакна улогата на Франција во коалициските воздушни напади во Сирија, кои беа изведени како одговор на употребата на хемиско оружје во регионот

Американскиот претседател изјави дека коалициониот напад врз сириските цели за хемиско оружје претставува „"силна пречка" за нивната идна употреба.