Свет
10. January 2018 - 18:41

Трамп го тужи порталот Базфид за клевета

Адвокатот Мајкл Коен, кој го застапува претседателот на САД, Доналд Трамп, поднесе тужба за клевета против порталот Базфид, поради објавување на непроверени информации.

Базфид беше еден од најгласните портали во обвинувањето на Трамп за неговите наводни врски со руски бизнисмени и функционери. Поради тоа, претседателот Трамп порталот го нарече „куп ѓубре“.

Главниот спор меѓу Трамп и Базфид е околу објавувањето на таканареченото досие Стил - документ подготвен од поранешниот британски разузнавач Кристофер Стил, во кој дури се тврди дека Трамп ангажирал проститутки да уринираат врз кревет во хотел во Москва во кој спиел поранешниот американски претседател Барак Обама.

- Што е многу, многу е, напиша адвокатот Коен на својот Твитер профил.

Кристофер Стил првично бил ангажиран од републикански политички активисти, блиски до кандидатот Џеб Буш, кој се натпреваруваше со Трамп за партиската номинација. Откако Трамп ја доби републиканската номинација, компанијата „Фјужн Џи-Пи-Ес“ за која работел Стил, била ангажирана од кампањата на Хилари Клинтон.

Републиканската партија обвинува дека ваквото партиски нарачано досие било искористено за да се отвори истрага од страна на ФБИ, во рамките на која биле снимани соработници на Трамп во времето на предизборната кампања.