Свет
23. March 2018 - 9:21

Трамп го именуваше Џон Болтон за свој советник за национална безбедност

Американскиот претседател Доналд Трамп за свој нов советник за национална безбедност го избра Џон Болтон, поранешен американски амбасадор во Обединетите нации.

Трамп на Твитер објави дека Болтон ќе го замени неговиот актуелен советник Херберт Мекмастер. 

„Со радост објавувам дека од 9 април 2018 година, амбасадорот Џон Болтон ќе биде мојот нов советник за национална безбедност. Макмастер заврши забележителна работа и секогаш ќе остане мој пријател“, напиша Трамп на Твитер.

Болтон (69), кој заговараше употреба на воена сила против Иран и Северна Кореја, исто така е приврзаник и на „тврд“ курс кон Русија.

Тој е третиот советник за национална безбедност на Трамп за 14 месеци.

- Благодарен сум на претседателот Доналд Трамп за можноста да му служам нему и на нашата држава како советник за национална безбедност, изјави Мекмастер.

Белата куќа тврди дека одлуката Мекмастер да ја напушти функцијата била взаемна.